Швајцарија прогласи петдневна жалост по катастрофалниот пожар што избувна во популарен бар во скијачкиот центар Кран-Монтана за време на новогодишната ноќ. Во трагедијата загинаа повеќе од 40 лица, додека над 100 се повредени, а истрагата и идентификацијата на жртвите сè уште се во тек.
Синоќа, стотици граѓани во тишина положија свеќи и цвеќе пред барот „Констелејшн“, оддавајќи им почит на жртвите. Повредените се хоспитализирани во болници во Швајцарија, а дел од нив се префрлени на лекување во Милано, Париз, Лион и Штутгарт. Поради сериозноста на изгорениците, идентификацијата на телата може да трае со денови.
Швајцарскиот претседател Гај Пармелин трагедијата ја опиша како една од најтешките во историјата на земјата, нагласувајќи дека мора да се направи сè ваков настан никогаш повеќе да не се повтори.
Пожарот избувнал околу 1:30 часот по полноќ, кога пиротехнички средства предизвикале експлозија и брзо ширење на огнот во преполниот подрумски простор. Сведоците раскажуваат дека луѓето се обидувале да избегаат во паника, но биле блокирани од тесните скалишта. Неколкумина се во критична состојба, а причините за пожарот сè уште се истражуваат.







