
Македонска Каменица испишува нова страница во својата спортска историја. Во градот е формиран првиот ракометен клуб – Ракометен клуб Сокол Саса, со што Македонска Каменица и официјално се најде на ракометната карта на Македонија.
Основачи на клубот се Дарко Костадиновски, Ѓоко Стаменковски, Кирил Манасиев, Игор Гошевски, Драги Стојковски, Стивен Мицевски и Андреј Лазаров, кои ја покренаа иницијативата за развој на ракометот во Македонска Каменица.
Формирањето на РК Сокол Саса претставува значаен и историски момент за градот, кој досега не беше препознатлив како ракометна средина и немаше активен ракометен клуб во сениорска или младинска конкуренција во последните сезони.
Македонска Каменица традиционално е град кој живее за спортот и е препознатлив по своите колективи – ФК Каменица САСА, клуб со повеќедецениска традиција, ЖФК Каменица САСА и ЖКК Баскет Кам. Со создавањето на РК Сокол Саса, спортското семејство во Македонска Каменица добива уште еден клуб и отвора можност за развој на нови генерации спортисти.
Се очекува новиот клуб своите први чекори да ги направи преку работа со најмладите категории, со цел ракометот да стане уште еден спорт кој ќе ги обединува младите од Македонска Каменица и ќе придонесе за збогатување на спортскиот живот во градот.






