Македонската продукција Cosmic Films го најавува новиот психолошки краткометражен филм „Меѓу Ѕидовите“ (Between the Walls), во режија на Филип Димитриевски. Филмот се наоѓа во финалната фаза на постпродукција, а неговата премиера е најавена за 2026 година во Скопје. Според најавите, проекција се очекува и во Кочани.
„Меѓу Ѕидовите“ е психолошка драма која ги обработува темите на вината, траумата, моќта и тенката граница помеѓу реалноста и човечката потсвест.

Главниот лик, Марко Ангелов, кого го толкува Бобан Алексовски, е успешен и влијателен бизнисмен кој по трагичната смрт на својата сопруга Ана започнува нов живот во куќа во предградие на Скопје. Наместо мир и нов почеток, тој постепено се соочува со сопствените стравови, спомени и вина.
Како што приказната се развива, Марко станува сè поизолиран. Почнува да пишува по ѕидовите, да ги покрива со листови хартија, да го демонтира сопствениот дом и целосно да се оттурнува од секојдневниот живот. Неговото однесување станува симбол на внатрешната борба со минатото и со психолошките товари што не му дозволуваат да продолжи понатаму.
Посебно внимание привлекува и настапот на Марина Гоцевска од Кочани, која ја игра Ана – лик чие присуство е еден од клучните двигатели на приказната. Во улогата на инспекторот Марија се појавува Марија Михаилова, која низ истрагата постепено ја открива мистеријата и сложените внатрешни конфликти на главниот лик.
Според режисерот Филип Димитриевски, „Меѓу Ѕидовите“ е личен проект инспириран од човечкиот страв од осуда и потребата за прифаќање. Филмот се обидува да покаже дека токму тишината често ги крие најсилните емоции, а минатото не секогаш останува таму каде што сме го оставиле.
Продуценти на филмот се Филип Димитриевски и Анастасија Ѓорѓиевска, директор на фотографија е Ева Божиновска, додека сценографијата ја потпишуваат Тамара Милојеска и Галена Огненовска.
По премиерата во Скопје, „Меѓу Ѕидовите“ ќе го започне своето фестивалско патување пред домашната и меѓународната публика. Повеќе информации за датумот на премиерата и следните проекции се очекуваат наскоро.






