14/06/2026

Вечерва во Македонска Каменица: Баскет Кам 2011 и Крива Паланка за трофејот во Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“

finale

Баскет Кам 2011 и Крива Паланка се финалистите на 34. издание од завршниот турнир на Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“, кој се одржува во Македонска Каменица.

Двете водечки екипи во „Шпаркасе Лајф“ Првата лига ги оправдаа фаворитските улоги во полуфиналните натпревари и закажаа финале кое ветува квалитет и неизвесност.

Домаќинот Баскет Кам 2011, иако без помошта на стартниот плејмејкер Сања Адамовска, успеа да го совлада мотивираниот состав на МЗТ Бела Вода и да обезбеди ново финале.

Во второто полуфинале, Крива Паланка беше уште поубедлива и со висока разлика славеше против Бадел 1862, демонстрирајќи сериозна форма и самодоверба.

DSC 6751

Финале со искуство и мотив

Големото финале е закажано за вечерва од 18:00 часот во спортската сала „Кирил и Методиј“ во Македонска Каменица. Победникот ќе биде нов освојувач на националниот Куп и наследник на скопски Вардар.

Играњето на домашен терен, како и можноста за настап на Адамовска, му даваат одредена предност на Баскет Кам 2011. Дополнителен фактор е и искуството кое тимот го има стекнато во последните години, во кои освои три куп-трофеи.

kp

Од друга страна, Крива Паланка влегува во финалето со силен мотив – првпат во својата клупска историја да го освои Купот. Тимот располага со квалитетен ростер, во кој покрај странските засилувања, значајна улога имаат и домашните кошаркарки како Михаела Алексовска, Глорија Груевска и Тамара Ѓорѓиевска, кои веќе покажаа дека знаат да одговорат на најголемите предизвици.

Сè е подготвено за големо финале и 40 минути врвна женска кошарка во Македонска Каменица.

Публиката ќе има можност да проследи дуел меѓу две екипи кои сезонава покажаа најмногу – а вечерва една од нив ќе го подигне пехарот од Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“.