14/06/2026

Цветановски: Да бидеме вистински домаќини; Поп-Димитровска: Подготвени сме пехарот да остане во Македонска Каменица

c5091dca 9caa 4f04 9990 a8ed964e3b50

Во првото полуфинале од финалниот турнир во Македонска Каменица, кое се игра во сабота од 15.00 часот (со директен пренос на МРТ), силите ќе ги одмерат Баскет Кам 2011 и МЗТ Бела Вода.

Во продолжение ви ги пренесуваме изјавите на претставниците на домашната екипа, која како организатор на турнирот ќе го отвори настапот пред својата публика.

Претседателот на Баскет Кам 2011, Јордан Цветановски, им посака добредојде на клубовите кои се дел од завршницата и се заблагодари за поддршката во организацијата на турнирот.

„Сакам да ѝ се заблагодарам на Општина Македонска Каменица за помошта при организацијата на овој турнир. Благодарност и до сите вас што сте тука овие два дена да ги поминете убаво и да се чувствувате како дома. Им посакувам добредојде на гостите и на сите им посакувам успешен турнир – нека победи најдобрата екипа“, истакна Цветановски.

Капитенот Катерина Поп-Димитровска нагласи дека тимот е подготвен и мотивиран пред настапот на завршниот турнир.

„Честитки до сите тимови кои се дел од овој турнир. Посакувам добра и фер игра. Сметам дека сме подготвени и мотивирани, како поискусна екипа со многу натпревари, купови и финалиња зад нас. Верувам дека ќе ја оствариме нашата цел и дека пехарот ќе остане тука. Пред сè, ќе уживаме во викендот што следува, а нека победи најдобриот“, изјави Поп-Димитровска.

Завршницата од Купот во наредните два дена ќе донесе возбудлива кошарка и борба за трофејот во Македонска Каменица.