14/06/2026

ООУ „Св. Кирил и Методиј“ – Македонска Каменица со низа активности го одбележа Светскиот ден на лицата со Даунов синдром

99

Во текот на оваа работна недела, во ООУ „Св. Кирил и Методиј“ од Македонска Каменица се реализираа повеќе активности по повод 21 Март – Светскиот ден на лицата со Даунов синдром.

Учениците, заедно со своите наставници и ментори, преку креативни и едукативни активности дадоа значаен придонес во подигнувањето на свеста за оваа состојба и важноста од прифаќањето и еднаквоста во општеството.

Преку испратената порака – „Разбирање наместо предрасуди, прифаќање наместо сожалување“, учениците покажаа дека сите заедно можеме да придонесеме кон создавање на инклузивно општество и заедничка иднина.

98

Светскиот ден на лицата со Даунов синдром се одбележува на 21 март – датум кој симболично го претставува присуството на три копии на 21-от хромозом (трисомија 21) кај лицата со оваа состојба.

Како дел од симболиката на овој ден, учениците носеа различни, „распар“ чорапи – глобален симбол на поддршка, кој испраќа порака за прифаќање на различностите.

Од училиштето потенцираат дека лицата со Даунов синдром се рамноправен дел од општеството и заслужуваат еднакви можности за развој, образование и активно учество во заедницата.

Координатор на активностите е УИТ-дефектолог Снежана К. Паунова.

96