14/06/2026

„Еко Кам Мед“ одбележа јубилеј со хуман гест – 520 тегли мед за ООУ „Кирил и Методиј“

Здружението на пчелари „Еко Кам Мед“ од Македонска Каменица во свечена атмосфера го одбележа јубилејот – 10 години од своето постоење, заедно со традиционалниот новогодишен коктел. Настанот беше искористен за осврт на досегашните активности и најави за идните планови за развој на пчеларството.

Презентиран годишниот отчет за 2025 година

Претседателот на здружението, Јован Велиновски, го презентираше годишниот отчет за 2025 година, која воедно е и негова прва година на оваа функција. Тој се осврна на реализираните активности, постигнатите резултати и предизвиците со кои се соочуваат пчеларите, при што беше нагласена важноста на здружувањето, едукацијата и меѓусебната поддршка.

Во своето обраќање, Велиновски истакна дека оваа година за првпат здружението брои над 100 активни членови, што, како што нагласи, претставува јасен показател за растот, довербата и успешното работење на „Еко Кам Мед“.

Поддршка од градоначалничката Соња Стаменкова

Свое обраќање на настанот имаше и градоначалничката на Општина Македонска Каменица, Соња Стаменкова, која упати честитки по повод јубилејот и ја истакна континуираната поддршка на Општината кон пчеларите и нивните здруженија. Таа нагласи дека „Еко Кам Мед“ е позитивен пример за активно граѓанско здружување кое придонесува за локалниот развој и заштитата на животната средина.

Донирани 520 тегли мед за ООУ „Кирил и Методиј“

Како дел од јубилејното одбележување, членовите на здружението обединето собраа 520 тегли мед, кои беа донирани за децата и вработените во ООУ „Кирил и Методиј“. Овој хуман гест уште еднаш ја потврди општествената одговорност и солидарноста на пчеларите од Македонска Каменица.

Десет години успешно работење се доказ дека со заедништво, визија и љубов кон пчеларството се градат трајни вредности. „Еко Кам Мед“ продолжува понатаму со јасна цел – унапредување на пчеларството и придонес кон локалната заедница.