
Полициски службеници од СВР Штип – Полициско одделение Македонска Каменица спасија 80-годишен жител на Македонска Каменица кој бил заглавен на тераса по избувнување на пожар во неговиот дом.
Настанот бил пријавен на 15.02.2026 година во 13:23 часот во СВР Штип. Според информациите, пожарот настанал во куќа на улицата „14 Јуни“, сопственост на Љ.Ѓ. (80).
Полициските службеници веднаш излегле на терен и го затекнале сопственикот заглавен на терасата на вториот кат од објектот. Со брза и координирана интервенција, користејќи скали, тие успеале безбедно да го спуштат и да го извлечат од опасност.
На лицето му била укажана медицинска помош во Клиничка болница Штип поради вдишување чад, а потоа бил пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за понатамошно лекување.
Пожарот бил изгаснат од Територијалната противпожарна единица Македонска Каменица, а увид на местото извршиле надлежните служби.
Надлежните институции работат на утврдување на причините за настанување на пожарот.






