Полициски службеници пронајдоа шест лица – мигранти од Египет, а четири лица се лишени од слобода. По целосно документирање на случајот ќе следуваат соодветни пријави.
На 03.01.2026 година, околу 19:00 часот, на влезот во Гевгелија, полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор „Богородица“ лишиле од слобода 15-годишник од село Тркање, кочанско, и 16-годишник од село Будинарци, беровско, со престој во Виница.

Претходно, околу 18:40 часот, била забележана група од шест мигранти кои се движеле од Грција кон Македонија. По нивното илегално навлегување на македонска територија, забележани биле две возила кои се движеле кон мигрантите, при што пет лица влегле во патничко возило „Фиат Стило“ со делчевски регистарски ознаки.
Возилото било запрено на влезот во Гевгелија, при што било утврдено дека го управувал 15-годишникот, а како сопатник бил 16-годишникот. Во возилото биле пронајдени пет лица – мигранти од Египет, од кои двајца малолетници.
Набргу потоа, во близина на местото бил пронајден и лишен од слобода М.Ј. (22) од Египет, за кого било утврдено дека бил водач на групата.
Понатаму, по преземени мерки и активности, во 21:40 часот на улицата „Христијан Карпош“ во Штип, полициски службеници од СВР Штип го пронашле и сопреле второто возило „Фолксваген Голф“ со делчевски регистарски ознаки. Поради сомнение за инволвираност во настанот, од слобода биле лишени 16-годишник со престој во Виница и Љ.П. (22) од Кочани, кои се превезувале во возилото.
Сите лица се задржани во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случајот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.






