
Најновото ажурирање на прогностичките материјали укажува дека пролетта оваа година ќе ја почувствуваме уште во текот на овој месец. Според месечната анализа, март се очекува да биде малку потопол од 30-годишниот просек, односно температурите би биле повисоки за околу еден степен над просечните вредности за овој период од годината.
Ова значи порано будење на природата, со оглед на тоа што ќе имаме натпросечни температури, како и стабилно и претежно суво време со многу сончеви периоди.
Што се однесува до врнежите, тие се очекуваат да бидат околу или малку под просекот. Тоа укажува дека март ќе биде нешто постабилен и посув месец, но сепак не се исклучуваат повремени врнежливи периоди и краткотрајна нестабилност.
Во наредните денови, температурите особено во Повардарието и во југоисточните предели ќе се искачуваат и до 20 степени, што дополнително ќе го засили чувството на рана пролет.
Сепак, бидејќи станува збор за месечна метео-анализа, можни се одредени промени. Граѓаните се советуваат да ги следат пократкорочните прогнози, кои се значително попрецизни и имаат веројатност на остварување поголема од 90 проценти.





