
Познатиот актер Сашо Ристовски ексклузивно открива нови моменти за нашиот медиум по неговото гостување во Македонска Каменица со хит-комедијата за деца „Тетка Марулка“.
1. Вашето гостување во Македонска Каменица беше одлично прифатено од страна на публиката. Кои се вашите импресии?
– Навистина сè уште сум под импресии. Прекрасна публика, полни две сали во КИЦ „Романса“. Навистина беше прекрасен ден со најубавата публика – децата. Честа беше моја и на моите соработници да уживаме во успешниот ден. Децата во вашиот град ми го наполнија срцето, бидејќи со големо внимание ја следеа претставата, а кога заврши, уживавме да се фотографираме.
2. Како се чувствувавте во нашиот град?
– Прекрасно. Јас кога доаѓам во Македонска Каменица сум пресреќен. Прекрасно градче, прекрасни жители. Секогаш сум убаво и топло пречекан.

3. Како дојде до создавањето на мега детскиот хит „Тетка Марулка“?
– Јас секогаш размислувам многу пред да почнам да создавам нешто. Прво треба мене да ми се допадне, па потоа одам понатаму. „Тетка Марулка“ е посебна претстава која ја пишував долго време, а потоа го дадов текстот на моите соработници. Им се допадна и веднаш влеговме во подготовка. Мислам дека успеавме да направиме едно оригинално театарско дело за деца. Не треба да трчате по оригиналност, треба да работите тимски, да знаете да слушате и точно да знаете кога, како и што е потребно да се направи. Верувам во хитот и тимот на „Тетка Марулка“, а кога имате верба имате и успех. Претставата се распродава за месец мај, а сега сме март. Тоа кажува многу.
4. Колку време се подготвуваше претставата?
– Подготовките траеја еден месец. Доволен период за подготовки на ваков формат на претстава. Кога имате екипа која е максимално посветена на работата, успехот не може да ве заобиколи.

5. Како е да се биде успешен во сите улоги: продуцент, актер, режисер и драмски писател?
– Не знам за другите, но мене ми е задоволство да ги работам сите тие работи. Јас сум човек кој, кога работи, работи целосно посветено. Не знам да работам половично. Овие работи одземаат многу време, но задоволството е огромно. Ако си ја сакаш работата, нема тешко. Можеби има сопки и некои задкулисни игри, но јас воопшто немам време да го трошам на такви работи – си врвам по својот пат.
6. Бидејќи зад вас имате неколку драмски текстови за деца, дали планирате да ги издадете?
– Размислувам, но сè уште не сум одлучил кога.
7. Што повеќе ве привлекува – театарските претстави за деца или за возрасни?
– И двата вида претстави. Сосема е различно да се игра за деца и за возрасни. Не можам да направам разлика и да одвојам која повеќе ја сакам. Играм и можам да ги играм и двата типа театарски претстави.
8. Дали повторно пишувате нешто ново?
– Да, но не би сакал сега да откривам за што станува збор. Едно ќе кажам – следува големо изненадување.
9. Вие сте член на ансамблот на Театар Комедија Скопје и сопственик на еден од најбараните приватни театри во државата, Театар Хит. Како е да се биде „хит“?
– Не сум размислувал како е да си хит. Но едно знам – одговорноста е голема. Одговорност кон институцијата, кон работата и кон публиката. Кога знаете што сакате, кога сте отворени за дебата, кога го слушате крикот на публиката за нешто ново и се трудите да го исполните тоа, тогаш може да сте хит. Енергијата треба да се фокусира на желбата за добра креација, па секаде ќе сте успешни – и во комедија, и во хит, и на плоштад. Не се труди да бидеш хит, труди се да сработиш како што треба, па публиката ќе каже дали си хит.

10. Настапувате и во дијаспората. Како е таму со претставите за деца?
– Да. Тие настапи за нашите дечиња во дијаспората со задоволство ги прифаќаме и јас и моите соработници, бидејќи е од особено значење децата да не го заборават македонскиот јазик и култура. Мораме да правиме сè за нашите деца.
11. Се подготвуваат ли нови проекти?
– Да. Веќе се започнати планирањата во Театар Хит за програмата за 2027 година. Нè очекуваат уште три премиери во 2026, а мене лично уште многу проекти кои ми се договорени однапред.
12. Што прави Сашо кога не работи, како го минува слободното време?
– Се трудам да бидам со моето семејство, на кое сум му благодарен за сè. Да не беа тие, немаше да бидам ова што сум. Секој слободен миг го минувам со нив на село – заедно работиме, одгледуваме зеленчук и се занимаваме со нашата мини фарма за кокошки. Тоа ми ја полни душата и ми дава сила да можам да издржам сè. Нема поубаво нешто од семејните ручеци, договарањето што ќе работиме и што ќе готвиме – сè заедно. Семејството ми е столбот во животот – моите родители, мојот брат, снаата. Уживам да сум во природа, со животните и да подготвувам јадење. Домот и семејството ми се столбот и изворот на среќни денови. Кој го заборава семејството, ќе се изгуби во времето.






