Од Македонска Каменица до Брисел, преку искрен звук, емоции и автентичност. По освојувањето на наградата „Избор на публиката“ на „Imagine Music Experience“, разговаравме со Анастасија Стоименовска – пејачката на бендот „Корка“ за успехот, тремата, инспирацијата, животот надвор од големите музички центри и пораката до младите кои сонуваат за сцена.

Какво е чувството да се освои наградата „Избор на публиката“ на „Imagine Music Experience“ во Брисел?
– Тоа е чувство кое тешко се опишува со зборови. Благодарноста што ја чувствуваме, цел бенд кон сите што гласаа за нас е неверојатна.
Ти си од Македонска Каменица – колку родниот град влијаеше врз твојот музички пат и карактер?
– Македонска Каменица ме обликуваше како човек, карактерно. Тука научив дека ако сакаш нешто, мораш да работиш двојно повеќе. Ме научи да ја гледам поголемата слика и секогаш да се трудам да достигнам повисоко.

Што значи за тебе да ја претставуваш Македонија, а притоа и твојот роден град, на меѓународна сцена?
– Преголема чест и уште поголемо задоволство. Затоа и освојувањето на самата наградата сеуште ни делува како сон. Благодарноста што ја чувствуваме кон сите оние што не избраа како преставници на македонската музичка сцена е неопислива.
Како изгледаше настапот во Брисел од „зад сцената“ – имаше ли трема?
– Да, секако. Пред да излезем на сцена си го прекомплицирав настанот. Стравот, возбудата и адреналинот ме држеа цврсто. Но моментот кога излегов на сцена наеднаш исчезна, па дури и кога завршивме малку ми беше хаха.

Публиката ви ја додели наградата – што мислиш дека најмногу ги поврза луѓето со вашата музика?
– Уникатноста. Се обидуваме да бидеме оригинални и експериментални кога дојде збор за музиката. Мешаме секакви звуци со гитарите, педалите па сега додадовме и синт. Го свириме тоа што првин ние би го слушале и мислам дека публиката често го препознава тоа.
Како студент кој се бави со музика и уметност додека студира , како го наоѓаш времето за се?
– Моj приоритет е образованието, односно факултетот, па времето за уметност и музика го усогласувам според тоа. Земам порачки за цртање само кога немам многу за учење. Исто и со свирките и музиката. Држењето на распоред исто така доста помага.
„Корка“ има специфичен grunge noise rock звук – од каде доаѓа таа енергија?
– Животни искуства, чувства и едноставна љубов кон музиката. Живееме во околина за која многу може да се пишува и твори.

Колку е тешко (или убаво) да се гради бенд и авторска музика надвор од големите музички центри?
– Па и лесно и тешко е. Тешко е поради помалите можности, но убаво затоа што си принуден да бидеш креативен и автентичен. Кога имаш љубов кон она што го правиш дури и потешкотиите може да ти бидат мотивација. Мислам дека токму тоа ни даде посебен идентитет.
Бендот е познат и по својот ангажман во заедницата, колку ти значи поврзаноста со публиката надвор од сцената?
– Тоа ми значи исто колку и самите настапи. Кога го споделуваш она во кое уживаш со некој на кој исто толку му значи уште повеќе те мотивира да продолжиш.
Само што се врати од турнеја – како беше самото искуство и кое место ти остави најдобар впечаток?
– Самата турнеја беше супер освен проблемите со колата што ни излегоа додека го напуштивме Косово. Но за најдобар впечаток мора да кажам Задар. Поради енергијата, луѓето и атмосферата. Сепак, целата турнеја беше одлична и публиката насекаде беше неверојатна.
Фестивалот „Расплет“ имаше силна емотивна порака – што ви беше причина за организација и како тој настан ве обликуваше вас како бенд?
– „Расплет“ беше хуманитарен настан кој го посветивме на нашата бивша тапанарка, блиска другарка Сара Јорданова и сите жртви од Кочани.Тој фестивал нè направи посвесни за улогата што ја имаме како членови на заедницата и не инспирираа сами да почнеме со мали промени кои сакаме да ги видиме. Затоа фестивалот ќе се одржи пак летниот период.
Како ја доживуваш улогата на млада жена во рок-бенд и на рок-сцената воопшто?
– Како предизвик, дефинитивно. Се уште постојат стереотипи, и омаловажувања кон жените и тоа што тие го творат и споделуваат во алтернативна сцена. Но сум позитивно настроена и мислам дека со повеќе дискусии на оваа тема полека ќе го рушиме тој ѕид на нееднаквост во музиката.
Кои моменти од „Imagine Music Experience“ никогаш нема да го заборавиш?
– Целата дружба. И со другите бендови и со мојот. „Imagine Music Experience“ беше неверојатно искуство.

Што следува по ова меѓународно признание – нови песни, албум, настапи?
– Нов материјал и нова турнеја ни се приоритети во моментов. Имаме материјал кој сеуште се снима но имаме и сингл кој ќе излезе наскоро. Сепак не планираме да престанеме со настапите во живо.
Кои се вашите соништа како бенд во следните неколку години?
– Да продолжиме да создаваме музика, да шириме приказна и се надевам да инспирираме други млади бендови.
Која порака би им ја испратила на младите од Македонска Каменица кои сонуваат за музика и сцена?
– Да не се плашат да бидат различни. Не е важно од каде доаѓаш, туку колку си подготвен да работиш за тоа што навистина го сакаш.






