
Дали начинот на кој размислуваме може да влијае врз тоа колку долго ќе живееме? Според научни истражувања – одговорот е да. Експертите посочуваат дека позитивниот став кон животот, а особено кон стареењето, може значително да го подобри квалитетот на живот и да го продолжи животниот век.
Јапонија, земјата со највисок просечен животен век во светот, често се наведува како пример. Истражувањата покажуваат дека постарите лица таму ја прифаќаат староста со радост, наместо со страв – пристап кој е помалку застапен во други делови од светот.
Во една студија било утврдено дека луѓето со позитивен став кон стареењето живееле во просек околу 7,5 години подолго од оние со негативни гледишта. Во истражувањето биле вклучени и т.н. „суперстогодишници“ – лица постари од 100 години, меѓу кои и Кане Танака, која почина на 117-годишна возраст.
Научниците посочуваат дека дел од негативната перцепција за стареењето доаѓа од стереотипи, како што е уверувањето дека со возраста неизбежно доаѓа до сериозно когнитивно опаѓање. Сепак, истражувањата покажуваат дека одредени способности, како решавање конфликти и делови од меморијата, можат дури и да се подобрат со годините.
Дополнително, кај постарите луѓе често се забележува зголемена мотивација за придонес во општеството, што дополнително го збогатува нивниот живот.
Иако позитивното размислување има значајна улога, експертите нагласуваат дека долговечноста е резултат на повеќе фактори – вклучувајќи здрава исхрана, физичка активност и севкупен начин на живот.






