
Од Општина Македонска Каменица информираат дека со добра динамика продолжуваат градежните работи за изградба на пешачката патека/тротоар на потегот од излезот на градот до месноста „Павлиш Дол“.
Проектот опфаќа изградба на патека во должина од 1 километар и ширина од 1,5 метри, со цел значително подобрување на безбедноста и условите за движење на пешаците, рекреативците и сите граѓани кои секојдневно го користат овој правец.
Од локалната самоуправа посочуваат дека со реализацијата на овој инфраструктурен зафат се уредува еден од поважните делови од патната мрежа, со што се придонесува кон поголема функционалност и безбедност во сообраќајот.
Проектот е дел од континуираните активности за подобрување на локалната инфраструктура во Општина Македонска Каменица.






