13/08/2026

Од понеделник, 29 јуни, Општина Македонска Каменица започнува проценка и репроценка на недвижниот имот

grb makedonska kamenica bela pozadina

Општина Македонска Каменица информира дека од понеделник, 29 јуни, започнува постапката за проценка и репроценка на недвижниот имот на целата територија на општината, согласно со одредбите од Законот за даноците на имот и законските надлежности на општините.

Како што информираат од Општината, постапката има за цел ажурирање на евиденцијата и утврдување на фактичката состојба на недвижниот имот на територијата на Општина Македонска Каменица.

Во таа насока, граѓаните и правните лица се повикуваат да ги подготват имотните листови и останатата документација за недвижностите со кои располагаат, доколку истата биде побарана од овластените лица.

Воедно, од Општината упатуваат апел до сите даночни обврзници кои имаат неподмирени обврски по основ на данок на имот, истите да ги подмират во најкус можен рок. Во спротивно, ќе бидат преземени сите законски мерки за наплата на побарувањата, вклучително и постапки што можат да предизвикаат дополнителни трошоци за должниците.

Според Општина Македонска Каменица, целта на постапката е обезбедување точна и ажурирана даночна евиденција, зголемување на даночната дисциплина и обезбедување еднаков третман на сите даночни обврзници на територијата на општината.