
Општина Македонска Каменица ја информира јавноста дека во наредниот период ќе се спроведуваат засилени инспекциски контроли на целата територија на општината.
Согласно објавеното соопштение, контролите ќе бидат насочени кон отстранување на хаварисани, нерегистрирани и напуштени возила од јавни површини, отстранување на огревни дрва, градежен материјал, отпад и други предмети оставени на тротоари, улици и паркинзи, спречување на загадување и нарушување на јавната чистота, како и контрола на одгледувањето и чувањето домашни животни спротивно на законските и општинските прописи.
Од Општината ги повикуваат граѓаните, како и правните и физичките лица, во рок од 15 дена од објавувањето на соопштението доброволно да ги отстранат утврдените неправилности и да постапат согласно важечките прописи.
По истекот на рокот, надлежните инспекциски служби ќе вршат контроли и ќе преземаат мерки согласно законските овластувања, вклучително и изрекување опомени, донесување решенија, издавање прекршочни налози и поведување соодветни постапки.
Од Општина Македонска Каменица апелираат до граѓаните со одговорно однесување да придонесат за почиста, побезбедна и поздрава животна средина.






