14/06/2026

ТОШЕ ПРОЕСКИ И ПОНАТАМУ ЖИВЕЕ ПРЕКУ СВОЈАТА МУЗИКА

tose proeski

Македонската музичка легенда Тоше Проески, денес, на 25 јануари, ќе наполнеше 45 години. Иако за многу негови фанови времето симболично застана во 2007 година, Тоше и денес живее преку своите песни, зборови и дела. Нашиот Тоше – уметникот и човекот кој знаеше да ги спои сите, без поделби.

Тоше Проески е роден на 25 јануари 1981 година во Крушево. Неговиот музички талент бил препознаен уште во најраното детство, а љубовта кон музиката го насочила кон уметничкиот пат. Како дете настапувал на фестивалите „Златно славејче“ и „Мелфест“, најавувајќи ја идната блескава кариера.

„Сѐ се должи на љубовта кон музиката. Скалите си одат една по една сами по себе и никогаш не размислуваш што ќе се случи по 10 или 20 години“, велеше Тоше.

Професионалната музичка кариера ја започна во 1997 година на фестивалот „Мелфест“ во Прилеп, каде победи со изведба на песната „Yesterday“ од „Битлси“. Истата година настапи и на „Макфест“ со песната „Пушти ме“, со што го привлече вниманието на пошироката јавност.

Песните „Пушти ме“ и „Остани до крај“ го означија неговиот ранен подем, а пресвртница во кариерата беше настапот на „Скопје фест“ во 1999 година со песната „Твоите бакнежи на моите бели кошули“.

Истата година го објави и деби-албумот „Некаде во ноќта“, по што следуваше период на интензивна продукција и бројни концерти. Во 2000 година настапи на „Скопје фест“ со „Солзи прават златен прстен“, а го промовираше и албумот „Синот Божји“, кој содржи дел од неговите најпрепознатливи хитови.

Во наредните години, кариерата на Тоше доби регионална и меѓународна димензија. Особено значаен момент беше победата на „Беовизија“ во 2003 година со песната „Чија си“, со што се вброи меѓу најголемите поп-ѕвезди на Балканот.

Во 2004 година ја претставуваше Македонија на Евровизија во Истанбул со песната „Life“, англиска верзија на „Ангел си ти“, освојувајќи 14. место во финалето.

Тоше соработуваше со бројни врвни автори и изведувачи од регионот, меѓу кои Григор Копров, Жељко Јоксимовиќ, Леонтина Вукомановиќ, Марина Туцаковиќ, Миро Буљан, Антонија Шола и Тони Цетински. Албумот „По тебе“ останува едно од најуспешните поп-изданија на Балканот.

Покрај музиката, Тоше беше познат и по својот хуман ангажман. Во 2004 година беше именуван за Амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ, а песната „За овој свет“ стана симбол на неговата хуманост. До крајот на животот одржа бројни хуманитарни концерти.

Неговиот последен голем концерт се одржа на 5 октомври 2007 година на Градскиот стадион во Скопје, посветен на образованието.

Тоше Проески трагично го загуби животот на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, Република Хрватска. Посмртно беше прогласен за заслужен граѓанин на Македонија, а 17 октомври 2007 година беше прогласен за Ден на национална жалост.

Тоше замина прерано, но неговиот глас и понатаму одекнува – како симбол на љубовта, човечноста и музиката што не познава време.