
Попова Шапка утрово измери најголема снежна покривка во земјава, со 30 сантиметри снег до 7 часот. Значителна снежна обвивка е регистрирана и на Маврови Анови (11 см), како и во Крушево (4 см).
Минималните утрински температури се спуштија под нулата на повеќе места. Најстудено беше во Берово со –4 степени, потоа на Попова Шапка и во Крива Паланка со –3, додека –2 степени се измерени во Пожаране и Тетово.
Во Скопје утринската температура изнесуваше –1 степен на Петровец и Зајчев Рид, додека околу нулата се движеше во Велес, Демир Капија, Битола, Претор, Кавардарци и Прилеп. Позитивни минимални температури се измерени во Крушево, Штип, Охрид и Виница, а најтопло утро имаше Струмица со 3 степени.
Времето денеска ќе биде променливо облачно, со појава на магла претпладне по одделни котлини. Во текот на ноќта се очекуваат локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Ќе дува слаб, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец.
Максималната дневна температура ќе се движи меѓу 8 и 12 степени, додека во Скопје се очекува до 7 степени, со магла претпладне и сончеви периоди попладне.




