14/06/2026

Економијата наспроти здравјето: Антипушачкиот закон отвори дискусија за приоритетите на државата

Вчера се одржа панел-дискусија посветена на новиот антипушачки закон, на која експерти, универзитетски професори, претставници на стопанството и институциите ги отворија прашањата за рамнотежата меѓу заштитата на јавното здравје и економските последици. Дискутантите укажаа на значењето на тутунската индустрија за буџетот, ризиците за малите и микробизниси, како и потребата од фазна примена на законските измени. Беше нагласено дека без поширока стручна дебата, едукативни кампањи и институционална подготвеност, законот тешко може да ги постигне посакуваните ефекти.

ChatGPT Image Feb 5 2026 12 57 26 PM

За едукативниот аспект зборуваше м-р Јаворка Ѓорѓиевска, советник од Министерството за образование и наука (МОН). Таа потсети на измените во законите за основно и средно образование, со кои превентивните програми се поставени како задолжителни во училиштата. Станува збор за превенција од тутун и цигари, во пакет со превенција од алкохол, дрога и насилство.

„Меѓутоа, превенцијата не може да заврши со шестиот час во школо. Потоа учениците се враќаат во средината каде живеат. Прашањето е каков пример сме како возрасни? Пушиме цигари, а на детето му кажуваме дека е штетно. Учениците и младите генерации не можат да ја направат таа дистинкција. Кога гледаат дека тоа е нормализирано дома, кај родителите, наставниците, лекарите… тогаш не сфаќаат колку е голема штетноста. Мораме да зборуваме и за зависничката компонента. Младите не разбираат, мислејќи дека ‘можам да се откажам кога сакам’“, рече претставничката од МОН.

јаворка

Според неа, кај младите не е толку актуелна класичната цигара, туку новите видови никотински производи, а во стариот закон била забележана „сива зона“, преку која тие биле полесно достапни за младите генерации. Од една страна, како што посочи м-р Ѓорѓиевска, младите економски можат да се снајдат, а од друга – законите против продажба на малолетници не давале резултати, бидејќи во пракса секој можел да купи цигари.

„Она што нас нè загрижуваше е колку се атрактивни новите никотински производи. На некој начин, младите ги сметаат за алтернатива, нешто што е ‘помодерно’, преку кое градат имиџ. Затоа сметаме дека е добро што никотинските производи се опфатени со новиот закон, за да се регулираат. Особено ако се земе предвид дека истражувањата укажуваат оти таканаречените ‘никотински алтернативи’ можат да предизвикаат и поголема зависност, бидејќи, на пример, никотинските кесички директно влегуваат во крвта“, наведе м-р Ѓорѓиевска.