
АМСМ соопшти дека поради протестот на камионските превозници, моментално се блокирани повеќе гранични премини за влез и за излез од државата.
Здруженијата на транспортни компании од Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, кои организираа заеднички протест, и денеска ги продолжуваат блокадите на граничните терминали за товар кон земјите од Европската Унија. Тие очекуваат Европската комисија денеска да донесе решение за проблемот со ограничениот престој на професионалните возачи во земјите од Шенген.
Причината за протестите е правилото за максимален престој од 90 дена во период од шест месеци, кое сериозно го ограничува работењето на возачите.
Во октомври 2025 година, Европската комисија го воведе системот за електронска регистрација за влез и излез (EES), со кој строго се контролира престојот во 29 земји од ЕУ и Шенген зоната. Со ова, работното време на професионалните возачи практично е преполовено, што доведе до целосна блокада на товарните гранични премини од 26 јануари меѓу Западен Балкан и ЕУ.
Европската комисија, чии земји трпат значителни економски загуби поради прекинатата испорака на стока, најави дека денеска ќе ја објави работната верзија на новата визна стратегија на ЕУ. Таа треба да предвиди системско решение за професионалните возачи од земјите надвор од Шенген, преку воведување специјални визи.





