14/06/2026

Поладен бран и снег од недела: циклон носи зимски услови низ Македонија

weather station 5580 1280

Под влијание на нов циклонски систем кој секундарно ќе се формира над Јонското Море и јужниот дел од Јадранот, до понеделник 2 февруари 2026 година во Македонија нè очекува многу променливо и значително поладно време. Причина за тоа е продор на студен воздух од север, проследен со повремено засилен северен ветер.

Во текот на периодот ќе има локални врнежи од дожд во пониските места (градовите), додека на повисоките населени места и на планините над 1000 метри ќе врне снег.

Особено внимание заслужуваат недела попладне и навечер, како и понеделник (2 февруари), кога дождот на повеќе места ќе премине во снег, па и во дел од градовите ќе има услови за формирање на помала снежна покривка. На планините и на скијачките центри се очекува зголемување и проширување на снежната покривка.

Во Скопје и околината ќе има повремен дожд, а на околните планини повремено врнежи од снег. Во недела навечер и во понеделник, во делови од Скопската котлина се можни и послаби снежни врнежи.

Температурите ќе бидат во осетен пад, особено во недела и понеделник (1 и 2 февруари). Дневните температури ќе се движат од -2 до 7°C, додека во Скопје и околината максимумот ќе биде околу 4°C. Утринските температури на повеќе места ќе бидат под нулата, со појава на мраз.