14/06/2026

Стартува европската акциска контрола на брзина: На 15 април 24-часовен „Speed marathon“ низ целата држава

policija kontrola 1

Од 13 до 19 април ќе се спроведува европската акциска контрола на брзина на патиштата, во која се вклучува и македонската сообраќајна полиција како дел од Европската мрежа на сообраќајни полиции – ROADPOL.

Во рамки на акцијата, ќе се реализираат засилени контроли за санкционирање на возачите кои ја надминуваат дозволената брзина.

Посебен акцент ќе има на 15 април (среда), кога од 00:00 до 24:00 часот ќе се одржи 24-часовниот „Маратон на брзина“ (Speed marathon), при што ќе се вршат непрекинати контроли на територијата на целата држава.

Од Министерството за внатрешни работи посочуваат дека брзото возење и понатаму е една од водечките причини за сообраќајни незгоди со тешки и смртни последици.

„Со имплементација на проектот ‘Безбеден град’ и постојаните сообраќајни акциски контроли се зголемува свесноста за опасностите од брзото возење, се поттикнува промена на однесувањето на возачите на долг рок и се спасуваат човечки животи“, информираат од МВР.

Голем дел од локациите каде ќе се вршат контролите им се однапред познати на возачите, со цел да се засили превентивниот карактер на акцијата. Надлежните нагласуваат дека целта не е казнување, туку почитување на сообраќајните правила и зголемување на безбедноста на патиштата.

Инаку, ROADPOL „Speed marathon“ претставува координирана акциска контрола која истовремено се спроведува на европските патишта, со учество на сообраќајните полиции од повеќе земји.