
По најавите од вчера, денес Македонија е под влијание на ладен атмосферски фронт кој се спушти од север и донесе нагла и изразена промена на времето. Веќе се чувствува значителен пад на температурите, проследен со облачност, врнежи од дожд и засилен северен ветер.
Во текот на денешниот ден времето е претежно облачно и посвежо, со повремени локални врнежи од дожд кои на одредени места се пообилни и поројни. Во делови од земјата има услови и за појава на нестабилна облачност, проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Ветерот дува од северен правец, повремено со засилен интензитет, што дополнително го засилува чувството на свежина низ целата земја.
Поради заладувањето, на повисоките планински предели, особено над 1400 до 1500 метри надморска височина, врнежите од дожд преминуваат во снег, при што веќе се создава и снежна покривка.
Во Скопје и околината, времето исто така е променливо облачно со повремени врнежи од дожд, кои локално можат да бидат пообилни. Можно е и ретко појавување на грмежи, додека северниот ветер повремено засилува.
Температурите денес се значително пониски во споредба со изминатите денови. Утринските се движат во интервал од околу 4 до 10 степени, додека дневните достигнуваат помеѓу 13 и 21 степен. Во Скопје, утринската температура се спушти околу 8 степени, а дневната се движи околу 15 до 16 степени.
Според прогнозите, и во текот на утрешниот ден (среда) ќе продолжи влијанието на овој студен бран, со уште пониски дневни температури кои ќе бидат под просекот за април и ќе се движат од 10 до 17 степени.
Со овој бран на нестабилно време, локално се очекуваат и позначителни количини на врнежи, на места околу или над 20 литри на метар квадратен. Граѓаните се повикуваат на внимателност, особено при поинтензивни врнежи и засилен ветер.




