На Балканот, вклучувајќи ја и Македонија, од 15 февруари сè поизвесно е нагло и изразено заладување на времето, предизвикано од продор на многу поладен воздух од север. Оваа промена ќе донесе значителен пад на температурите и врнежи од снег на повеќе места.
Според моменталните согледувања, наглото заладување во Македонија ќе пристигне ноќта меѓу 15 и 16 февруари, а ќе биде најизразено на 16 февруари, кога на многу места врнежите од дожд ќе преминат во врнежи од снег, проследени со засилен ветер од северен правец.

Променливо време до крајот на седмицата
Под влијание на серија влажни воздушни бранови од запад, поврзани со длабока циклонска активност со центар над Џеновскиот залив, до крајот на оваа седмица во Македонија нè очекува многу променливо време. Ќе има чести и повремени врнежи од дожд, кои на моменти може да бидат и обилни.
За време на викендот, врнежите локално ќе бидат проследени и со појава на грмежи, а повремено ќе дува засилен, а на места и силен ветер од јужен и југоисточен правец.
Снег на планините
На повисоките планини, со надморска височина над 1400–1500 метри, повремено дождот ќе преминува во снег, што ќе создаде вистински зимски услови на планинските превои.
Временска состојба во Скопје
Во Скопје и околината, до крајот на седмицата се очекуваат повремени врнежи од дожд, кои особено за време на викендот може да бидат пообилни, проследени со засилен до повремено силен јужен и југоисточен ветер.
Температури над просекот – пред големата промена
Во следните денови температурите повторно ќе бидат во пораст, особено за време на викендот, поради краткотрајно јужно воздушно струење. На повеќе места тие ќе бидат над 10 степени, додека во централните и југоисточните предели може да се искачат и близу 20 степени – но ова ќе биде само вовед пред зимскиот пресврт што следува.




