Почнувајќи од 26 март 2026 година (четврток), регионот го очекува значителна промена на времето, откако многу ладен воздух од север ќе се спушти кон јужна и југоисточна Европа. Овој невообичаен продор за овој период од годината ќе услови формирање на длабок циклонски систем над Џеновскиот залив, кој ќе влијае врз целиот Балкан, вклучувајќи ја и Македонија.
Во Македонија, кон крајот на денот во четврток и во текот на ноќта кон петок (27 март), најпрвин во западните предели, а потоа и во поголем дел од земјата, се очекуваат врнежи од дожд. На места тие ќе бидат пообилни, поројни и проследени со ретки грмежи.

Ќе дува засилен, повремено силен ветер од јужен и југоисточен правец, кој локално ќе достигнува брзина и над 60 километри на час. Не се исклучува можноста за појава на невреме на одредени локации, како и поголеми количини на врнежи, над 25 литри на метар квадратен.
Со продорот на студениот воздух, температурите значително ќе опаднат. На планините и на повисоките места над 1000 метри надморска височина врнежите ќе преминат во снег, при што се очекува формирање снежна покривка од над 15 сантиметри.
Постои можност снежната граница да се спушти и под 1000 метри, особено во западните и северните делови од Македонија, што значи дека и некои повисоки населени места може да добијат влажен снег.
Во Скопје и околината ќе преовладува дожд, проследен со засилен до силен ветер од јужен и југоисточен правец. Со падот на температурите, на околните планини врнежите ќе преминуваат во снег.
Максималните температури значително ќе се намалат во петок (27 март), кога ќе се движат од 6 до 14 степени, додека во Скопје се очекува температура до околу 11 степени.
Граѓаните се предупредуваат на внимателност поради можни временски непогоди, силен ветер и нагло заладување.






