14/06/2026

Не одите на плажа, туку по лични документи: МВР воведе правила за облекување на шалтерите

Министерството за внатрешни работи воведе нов кодекс на облекување, кој ќе важи не само за вработените, туку и за граѓаните кои ги користат услугите во Одделот за граѓански работи.

Од МВР информираат дека целта на новите правила е да се обезбеди професионален изглед, да се зачува достоинството на институцијата и да се поттикне поголема меѓусебна почит при користењето на административните услуги.

dokumenti uprava enhanced

Граѓаните кои посетуваат шалтери за издавање лични карти, пасоши, возачки дозволи и други документи ќе треба да внимаваат на својот изглед и да носат облека која е соодветна за престој во државна институција.

Според кодексот, како несоодветна се смета облека која е премногу кратка или открива делови од телото, како и шорцеви наменети за плажа или спорт. Не се дозволува ниту облека која го открива стомакот, градите или долната облека.

Воедно, не е прифатлива облека што вообичаено се носи во домашни услови, на плажа или во ноќни клубови. Под ограничувањата се опфатени и тренерки, спортска облека, како и обувки како влечки, папучи, апостолки, кломпи и налани.

Забранета е и облека со навредливи пораки, текстови, слики или симболи кои не се соодветни за институционална средина.

Од Министерството посочуваат дека кодексот подеднакво важи и за вработените, со цел да се обезбеди единствен и професионален изглед во сите служби.

Новите правила се дел од напорите за подобрување на работната атмосфера и односот меѓу институциите и граѓаните.