Од неодамна во Италија не се признаваат македонските возачки дозволи, и покрај тоа што меѓу двете држави постои договор за меѓусебно признавање и замена на дозволите.
Истовремено, македонските државјани со постојан престој во Италија во моментов не можат да ја заменат македонската со италијанска возачка дозвола и повторно мораат да полагаат возачки испит.
Според сведоштва на граѓани кои деновиве се обиделе да изнајмат автомобил, италијанските рент-а-кар компании им соопштиле дека добиле насоки да не издаваат возила на лица со возачки дозволи кои не се издадени од земји членки на Европската Унија. За да изнајмат возило, потребно е да поседуваат меѓународна возачка дозвола.

Информацијата е наведена и на веб-страницата на Министерството за внатрешни работи, каде што стои дека, иако постои договор со Италија, „во моментов во Република Италија не е возможна замена на возачки дозволи со Република Северна Македонија и се работи на решавање на таа состојба“.
Причината е техничка некомпатибилност
Според досегашните информации, проблемот произлегува од техничка некомпатибилност меѓу македонскиот и европскиот модел на возачки дозволи, бидејќи во македонските дозволи се додадени категории кои не постојат во европскиот формат.
Поради тоа, италијанските власти побарале склучување нов договор, што подразбира повторување на целата постапка за признавање на документите.
Од Министерството за надворешни работи информираат дека се во тек финалните усогласувања на новиот Договор за признавање на возачките дозволи меѓу Северна Македонија и Италија, а се очекува постапката да биде завршена од италијанска страна.






