Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево поднесе кривични пријави против две лица од општина Македонска Каменица поради сомнение за злоупотреби при остварување право на паричен надомест.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, кривична пријава е поднесена против Ј.К. (52) од село Саса поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама при добивање кредит или друга погодност“, како и против Б.К. (57) од Македонска Каменица за „поттикнување“ во врска со истото кривично дело.

Како што наведува МВР, на 8 мај 2026 година, во просториите на подрачната единица на Агенцијата за вработување во Македонска Каменица, Ј.К. се претставил како Б.К. и во негово име приложил контролен картон за редовно пријавување на невработени лица.
Со преземените мерки било утврдено дека Б.К., кој бил корисник на паричен надомест во периодот од 1 февруари до 5 јуни 2026 година, имал законска обврска лично да се пријавува во Центарот за вработување Делчево на секои 30 дена. Наместо тоа, според полицијата, го поттикнал Ј.К. да се пријавува во негово име.
Со ваквото постапување, според МВР, Б.К. се стекнал со противправна имотна корист во износ од 37.768 денари.





