Основното јавно обвинителство Кавадарци покрена постапка против 30-годишна државјанка на Република Хрватска, со привремен престој во Кавадарци, осомничена за кривично дело телесна повреда.
Според информациите од обвинителството, инцидентот се случил на 25 јануари во утринските часови, кога осомничената, под дејство на алкохол, извршила семејно насилство врз својот сопруг. При утврдување на состојбата, кај неа биле измерени 2,61 промили алкохол во крвта.

По вербална расправија, жената земала нож од кујната и го прободела сопругот во левото и десното рамо, а потоа продолжила да го гребе по вратот и по телото, нанесувајќи му телесни повреди.
Поради сериозноста на нападот и околностите под кои бил извршен, јавниот обвинител оценил дека постојат законски основи за определување мерка притвор. До судијата на претходна постапка при Основниот суд во Кавадарци е доставен предлог за определување притвор за осомничената.
Постапката се води за кривично дело „Телесна повреда“ од член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.






