Во среда, 19 август 2026 година, во Македонска Каменица ќе се одржи втората сесија на Проектниот форум, на која пред граѓаните ќе бидат презентирани пет концепт-проекти изработени врз основа на предлозите дадени на првата форумска сесија.
Сесијата ќе започне во 09:30 часот во Спортската сала зад СОУ „Миле Јаневски – Џингар“.
Петте концепт-проекти произлегуваат од предлозите на граѓаните дадени во рамки на првата форумска сесија, која беше посветена на локалниот економски развој.

На втората сесија концепт-проектите ќе бидат презентирани пред учесниците, по што ќе следува отворена дискусија за нивната содржина, значење и приоритетност за локалната заедница.
Граѓаните повторно ќе имаат можност активно да учествуваат во процесот на одлучување и да дадат свој придонес во изборот на предлозите што ќе бидат доразработени во предлог-проекти за следната форумска сесија.
За реализација на приоритетниот проект е обезбеден проектен фонд од 30.000 американски долари, во кој Општина Македонска Каменица учествува со 50 проценти од средствата.
Целта на форумскиот процес е зголемување на учеството на граѓаните во донесувањето одлуки на локално ниво, преку транспарентен и инклузивен механизам за предлагање, разгледување и избор на приоритетни проекти.
Проектниот форум се реализира во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети – Фаза 2“. Проектот е финансиран од Владата на Швајцарија и Министерството за локална самоуправа, а кофинансиран и спроведуван од УНДП во соработка со национални и локални партнери.
Од Општина Македонска Каменица ги повикуваат граѓаните да присуствуваат на втората форумска сесија и активно да се вклучат во изборот на проектите што треба да придонесат за подобар и поквалитетен живот во Македонска Каменица.





