Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) ѝ додели лиценца на „ОНЕ Македонија“, подружница на унгарската 4iG Групација, за работа како трет мобилен оператор во државата. Компанијата најпрво ќе започне со услуги во Скопје, користејќи ја мрежата на постојните оператори, додека паралелно ќе гради сопствена инфраструктура.
Претседателот на одборот на директори, Пал Заранди, најави дека „ОНЕ Македонија“ ќе изгради независна мрежа и ќе инвестира до 100 милиони евра, со фокус на современа технологија, нови работни места и соработка со домашни ИКТ-компании.
Директорот на АЕК, Јетон Акику, оцени дека доделувањето на лиценцата е значаен чекор за дигиталниот развој на државата, кој ќе донесе поголема конкуренција, подобри услуги и иновации, во согласност со европските стандарди.
„ОНЕ Македонија“ веќе уплати околу осум милиони евра еднократен надомест и се обврза на динамична 5Г-експанзија: покривање на еден град до март 2027 година, главните сообраќајни коридори до 2028, сите градови до 2030, а до 2032 година пристап до 5Г интернет со минимална брзина од 100 Mbps за сите граѓани.
Процесот за воведување трет мобилен оператор започна минатата година, по официјалното писмо за намери доставено од 4iG Групацијата до АЕК.







