
Во раните утрински часови низ Македонија преовладува променливо облачно и не многу ладно време, а во текот на денот, особено во западните предели, ќе има појава на повремен локален дожд, додека на повисоките населени места и на планините над 1000 метри ќе има повремен снег. Ова е најава за активирање на циклонската активност со центар над Џенова, која постепено ќе се интензивира.
Под влијание на моќен циклонски систем од Џенова и голем влажен воздушен бран, во недела навечер (25 јануари) и во текот на ноќта кон понеделник (26 јануари) во Македонија се очекуваат пообилни врнежи од дожд, проследени со засилен до повремено силен јужен ветер, кој локално може да достигне брзина над 60 км/час.
На планините над 1100–1200 метри надморска височина врнежите ќе бидат од снег, при што ќе дојде до зголемување и проширување на снежната покривка. Локално ќе има услови и за ретка појава на грмежи.
Врнежи се очекуваат и во текот на целиот понеделник (26 јануари), а за време на овој влажен бран локално ќе наврне позначително количество воден талог – над 30 литри на метар квадратен.
Во Скопје и околината се очекуваат врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни и проследени со засилен ветер од јужен и југоисточен правец, додека на околните планини ќе има повремен снег. Поради продор на поладен воздух од север, температурите повторно ќе опаѓаат во недела навечер, ноќта кон понеделник и во текот на понеделник.




