
Длабокиот циклонски систем кој се разви над Џеновскиот залив и преку Јонското море пристигна во Македонија предизвика сериозни временски непогоди во западниот дел од државата.
Во изминатите 48 часа наврнаа огромни количини на воден талог. Најмногу дожд е измерен во Пожаране – дури 55 литри на метар квадратен, додека од градовите најпогодено е Тетово со 52 литри дожд на метар квадратен.
Обилните врнежи предизвикаа поплави на повеќе локации во западна Македонија. Најкритична е состојбата во Кичево, каде поради надојдените води беа евакуирани 180 лица. Нивото на реките е значително зголемено, а во одредени подрачја постои ризик од нивно излевање.
Според најавите, со продорот на студена воздушна маса од север, во вторник (17 февруари 2026) следува нагло заладување проследено со силен северен ветер кој повремено ќе достигнува брзина и над 60–70 км/час.
Врнежите постепено ќе преминуваат од дожд во снег, прво на повисоките места, а потоа и во повеќето градови, особено во западните и северните предели. Послаби врнежи од дожд и снег се очекуваат и во Скопската котлина, додека на околните планини и повисоки места од Скопскиот регион ќе има пообилни снежни врнежи.
На планините и скијачките центри снежната покривка ќе се зголеми за околу, а локално и за повеќе од 20 сантиметри. Можно е формирање и на помала снежна покривка во дел од градовите.
Температурите значително ќе опаднат и ќе се движат од 1 до 9 степени, а во вечерните и ноќните часови кон среда ќе продолжат да паѓаат.
Граѓаните се повикуваат на зголемена внимателност поради ризик од поплави, силен ветер и можна појава на снег и голомразица.





