
Под влијание на нов длабок циклонски систем со центар над Џеновскиот залив, кој се проширува кон Јонското море, денес (17 февруари 2026, вторник) територијата на Македонија е зафатена со значителна промена на временските услови.
Целата држава се наоѓа во жолта предупредувачка фаза поради обилни врнежи и засилен до силен ветер од северен правец, кој повремено и локално ќе достигнува брзина од над 70 км/час.
Поради наглото заладување и продорот на студен воздух од север, врнежите од дожд постепено преминуваат во снег – најпрво на повисоките населени места, а попладне и во вечерните часови снег се очекува и во пониските предели, особено во западните и северните делови од Македонија.
На планините и скијачките центри снежната покривка значително ќе се зголеми за повеќе од 20 сантиметри, а можна е и појава на мала снежна покривка во дел од градовите во западните и северните предели.
Во текот на овој врнежен бран, особено во западните и северозападните региони, се очекуваат над 30 литри на метар квадратен воден талог за 24 часа. Поради тоа повторно расте ризикот од излевање на реките и појава на нови поплави.
Во Скопје и околината има пообилни врнежи од дожд, додека на околните планини врне снег. Со дополнителното заладување и засилениот северен ветер, снег е можен и во повисоките делови од Скопскиот регион.
Температурите се движат во интервал од 1 до 9 степени, но доцна попладне и навечер дополнително ќе опаѓаат. Во Скопскиот регион максималната температура ќе достигне околу 6 степени.
Се препорачува зголемена внимателност кај возачите, особено во близина на водотеци, како и при движење по планинските и повисоките патни правци поради можни снежни наноси и намалена видливост.




