
Утрово најстудено во земјава е на Попова Шапка, каде што се измерени –8 степени Целзиусови, а снежната покривка достигнува 31 сантиметар.
До 08:30 часот, температурите во останатите места се движат од минусни до неколку степени над нулата. Измерени се –5 степени во Крушево и Маврови Анови, –2 во Куманово, –1 во Крива Паланка, Берово и Виница, додека нулта температура е регистрирана во Скопје (Петровец и Зајчев Рид), Тетово, Охрид, Претор, Штип, Битола, Прилеп и Струмица. Температура од 1 степен е измерена во Кавадарци и Велес, а најтопло утрово е во Гевгелија и Демир Капија со 2 степени.
Според податоците на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), во изминатите 24 часа, до 7 часот утрово, најмногу врнежи се измерени во Маврови Анови – 39 литри на метар квадратен. Следуваат Пожаране со 26, Охрид со 25, Крушево со 24, Тетово со 17 и Претор со 16 литри на метар квадратен. Во Попова Шапка наврнале 14, во Битола 8, во Крива Паланка и Прилеп по 7, додека во Скопје (Петровец и Зајчев Рид), Струмица, Виница, Куманово и Ѓуриште се измерени по 5 литри на метар квадратен.
Висината на снежната покривка изнесува 14 сантиметри во Крушево, 5 сантиметри во Охрид и Ѓуриште, 2 сантиметри во Тетово и Берово, додека во Прилеп еден сантиметар.
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено. Претпладне се очекуваат повремени локални врнежи од снег, кои попладне ќе престанат. Ќе дува умерен, а долж Повардарието засилен северен ветер. Максималните дневни температури ќе се движат од –1 до 5 степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно и студено, со повремен слаб снег во претпладневните часови. Ќе дува умерен, а во делови од котлината повремено засилен северен ветер, а максималната температура ќе достигне 3 степени.
Според најавите на УХМР, локални врнежи од снег ќе има и утре претпладне, кога ќе дува засилен северен ветер, кој ќе продолжи и во понеделник. Од почетокот на следната седмица се очекува стабилно и суво време, со значителен пад на утринските температури, кои наместа ќе се спуштат и под –10 степени.






