
Сериозен инцидент се случил во петокот вечерта во швајцарскиот град Ембрах, во кантонот Цирих, кога 24-годишен државјанин на Косово со нож повредил 30-годишен маж од Македонија. Нападот се случил пред очите на минувачи на железничката станица.
Според информациите од кантонската полиција, драмата започнала околу 17:50 часот, кога избувнала жестока вербална расправија меѓу две жени и еден маж. Ситуацијата дополнително ескалирала кога уште едно лице се вмешало во конфликтот.
Во тој момент, 24-годишниот осомничен извадил нож и го нападнал 30-годишникот, нанесувајќи му повреди.
Повредениот бил итно пренесен во болница со брза помош. Засега не се соопштуваат официјални информации за тежината на повредите, но потврдено е дека бил хоспитализиран веднаш по инцидентот.
По нападот, осомничениот избегал од местото на настанот, што предизвикало широка полициска потрага низ регионот. Благодарение на брзата координација на безбедносните служби, тој бил лоциран и уапсен околу два часа подоцна во кантонот Швиц.
Кантонската полиција во Цирих и надлежното јавно обвинителство отворија истрага за утврдување на точниот мотив и околностите што довеле до нападот.
Поради истрагата, пристапот до железничката станица во Ембрах бил привремено ограничен, што предизвикало помали прекини во сообраќајот.






