13/08/2026

Најтоплиот ден годинава зад нас, денес повторно до 36 степени – попладне можни поројни врнежи, грмежи и град

jplenio sun 3588618

Македонија и денес продолжува да се соочува со вистински летни температури, откако вчера, на 21 јуни, кога и официјално започна календарското лето, беше измерена највисоката температура на воздухот досега годинава.

Во Велес вчера до 17 часот се измерени дури 37 степени, што го прави најтоплото место во државата оваа година. Во попладневните часови, особено во планинските предели, имаше развој на локална нестабилност проследена со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и локална појава на град.

И денешното утро, понеделник (22 јуни), осамна ведро и топло, со високи утрински температури. Најтопло утрово е во Скопје – Петровец и на Скопје – Зајчев Рид, каде се измерени 21 степен, додека најниска температура е регистрирана во Берово со 10 степени.

Според прогнозите, и денес во попладневните и раните вечерни часови локално ќе има развој на конвективни грмотевични облачни јадра, кои ќе донесат пороен дожд, грмежи и засилен ветер. На одредени места можно е и невреме со обилни врнежи, силни електрични празнења и појава на град.

Слични услови се очекуваат и во делови од Скопскиот регион, каде локално се можни краткотрајни, но интензивни врнежи од дожд, проследени со грмежи и засилен ветер.

Максималните дневни температури и денес ќе се движат од 28 до 36 степени, додека во Скопје и околината температурата ќе достигне околу 35 степени.