Граѓаните на Општина Македонска Каменица ќе имаат можност директно да учествуваат во изборот на приоритетните проекти за својата заедница преку Форумите во заедницата, кои се реализираат во рамките на проектот „Зајакнување на општинските совети – Фаза 2“.
Првата форумска сесија ќе се одржи во среда, 8 јули 2026 година, со почеток во 09:30 часот, во спортската сала зад СОУ „Миле Јаневски-Џингар“ во Македонска Каменица.

На форумите, граѓаните ќе можат да предлагаат идеи, да учествуваат во нивната разработка и да ги изберат проектите што ќе бидат реализирани во општината.
За проектите што ќе бидат предложени и приоритизирани е предвиден фонд во вредност до 30.000 американски долари (USD), при што половина од средствата ги обезбедува Општина Македонска Каменица, а останатиот дел е обезбеден преку програмата „Зајакнување на општинските совети – Фаза 2“, финансирана од Швајцарската влада и Министерството за локална самоуправа, а кофинансирана и спроведувана од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со национални и локални партнери.
Форумскиот процес има за цел преку јавни консултации да поддржи проекти со поголемо социјално влијание, кои ќе обезбедат еднакви можности за жените и мажите, ќе поттикнат партнерства меѓу организациите и граѓаните и ќе бидат одржливи и по завршувањето на нивното финансирање.
Главната тема на интервенција е социјалната инклузија, а ќе бидат опфатени и прашања поврзани со заштитата на животната средина, управувањето со ризици од катастрофи и природни непогоди, родовата еднаквост, поддршката на ранливите категории граѓани, доброто владеење и меѓуетничката соработка.
Општина Македонска Каменица е една од 10-те општини вклучени во оваа фаза на проектот. Во рамките на проектот, до неговото завршување во 2028 година ќе бидат опфатени вкупно 40 општини. Заедно со Фаза 1, опфатени се вкупно 40 општини.
Вкупната вредност на програмата изнесува 6,8 милиони американски долари (USD).






