16/06/2026

Започнува проектот „Енергетско ефикасни домови“ во Македонска Каменица – рекордни средства за фасади и кровови на станбени објекти

grb makedonska kamenica bela pozadina

Општина Македонска Каменица и Здружението за хумано домување „Хабитат Македонија“ потпишаа Меморандум за соработка за подобрување на енергетската ефикасност во станбениот сектор, со што официјално започнува реализацијата на проектот „Енергетско ефикасни домови“.

Проектот во првата фаза ќе ги опфати колективните објекти за домување, а по нејзиното завршување ќе се пристапи кон обезбедување финансиски средства за субвенционирање и на индивидуалните објекти за домување.

Првиот промотивен настан ќе се одржи на 18 јуни, со почеток во 11:30 часот, во Домот на културата во Македонска Каменица. На настанот се поканети сите граѓани, претставници на куќните совети и управители на станбени згради, каде детално ќе биде претставена постапката за реализација на проектот.

Презентацијата ќе ја одржат градоначалничката на Општина Македонска Каменица, Соња Стаменкова, претставници на општинската администрација и претставници на партнерското здружение „Хабитат Македонија“.

Според информациите од Општината, за реализација на проектот ќе бидат издвоени рекордни средства на државно ниво, кои ќе бидат наменети за реконструкција на кровни конструкции и изградба на енергетски ефикасни фасади на станбените објекти на подрачјето на Општина Македонска Каменица.

Проектот има за цел подобрување на условите за домување, намалување на потрошувачката на енергија и зголемување на енергетската ефикасност на станбените објекти, што директно ќе придонесе за подобар квалитет на живот на граѓаните.