Општина Македонска Каменица ги повикува сите граѓани да земат активно учество во првата форумска сесија во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети – Фаза 2“, преку која ќе имаат можност да предложат и да изберат проекти од значење за локалната заедница.

Според информациите од Општината, за реализација на проектите е обезбеден фонд од 15.000 американски долари (УСД) преку програмата „Зајакнување на општинските совети – Фаза 2“, финансирана од Швајцарската влада и Министерството за локална самоуправа, а кофинансирана и спроведувана од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со национални и локални партнери.
Дополнително, Општина Македонска Каменица ќе обезбеди уште 15.000 американски долари (УСД) како кофинансирање, со што вкупниот фонд за реализација на проектите ќе изнесува 30.000 американски долари.
Првата форумска сесија ќе се одржи во среда, 8 јули 2026 година, со почеток во 09:30 часот, во Спортската сала зад СОУ „Миле Јаневски-Џингар“ во Македонска Каменица.
Од локалната самоуправа ги повикуваат сите заинтересирани граѓани да присуствуваат и активно да се вклучат во процесот, бидејќи нивните идеи, предлози и мислења ќе бидат основа за изборот на проектите што ќе се реализираат во општината.






