
Со одржувањето на првата промотивна презентација во Домот на културата, Општина Македонска Каменица и официјално го започнаа спроведувањето на проектот „Енергетско ефикасни домови“, кој се реализира во партнерство со Здружението за хумано домување „Хабитат Македонија“.
Проектот е дел од иницијативата OSS HABITAT, поддржана од програмата LIFE на Европската Унија, чија цел е подобрување на енергетската ефикасност во домовите на граѓаните преку интегриран систем на стручна, техничка и финансиска поддршка.
Од Општина Македонска Каменица информираат дека во првата фаза проектот ќе ги опфати колективните станбени објекти, а по нејзиното завршување ќе се пристапи кон обезбедување финансиски средства за субвенционирање и на индивидуалните објекти за домување.
Според информациите од локалната самоуправа, за реализација на активностите ќе бидат издвоени рекордни средства на државно ниво, кои ќе бидат наменети за реконструкција на кровни конструкции и изградба на енергетски ефикасни фасади на станбените објекти на подрачјето на Општина Македонска Каменица.
Проектот има за цел да овозможи поквалитетни услови за живеење, намалување на потрошувачката на енергија и пониски трошоци за домаќинствата, но и да придонесе кон заштита на животната средина и намалување на влијанието од климатските промени.
Иницијативата претставува уште еден значаен чекор кон создавање енергетски поефикасна, одржлива и современа Македонска Каменица, во која инвестициите во домувањето директно придонесуваат за подобар квалитет на живот на граѓаните.




