
РИКАЛДОНЕ, ИТАЛИЈА – Градоначалничката на Општина Македонска Каменица, Соња Стаменкова, денес во Рикалдоне, Италија, заедно со градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, и градоначалничката на Општина Рикалдоне, Лаура Грациела Бруна, потпиша трилатерален договор за соработка со кој се воспоставува долгорочно партнерство меѓу трите општини.
На свеченото потпишување присуствуваа Генералната конзулка на Република Македонија во Венеција, Фросина Ременски, како и претседателот на македонското здружение „Инсиеме – Заедно“ од Рикалдоне, Златко Милчевски.

Во рамки на средбата беше поздравена иницијативата за воведување на македонскиот јазик во образовниот процес во регионот Пиемонт, што претставува значаен чекор за зачувување на македонскиот јазик, културата и националниот идентитет кај младите генерации Македонци кои живеат во Италија.
Во своето обраќање, градоначалничката Соња Стаменкова изрази благодарност до градоначалничката Лаура Грациела Бруна и до Општина Рикалдоне за долгогодишната поддршка што ѝ ја даваат на македонската заедница, создавајќи услови за нејзина успешна интеграција и истовремено покажувајќи почит и поддршка кон македонскиот јазик, култура и традиција.

„Потпишувањето на овој договор е само почеток. Тој не смее да остане формален документ, туку треба да биде основа за креирање заеднички политики, јасни акциски планови и конкретни проекти со мерливи и видливи резултати. Овој договор ни отвора нови можности, но истовремено нè обврзува со посветеност да работиме заедно и да изградиме вистинско партнерство кое ќе биде од корист за нашите граѓани и за македонската дијаспора“, истакна Стаменкова.
Со договорот е предвидена соработка во областа на образованието, културата, младинските политики, туризмот, економскиот развој, европските проекти, размената на добри практики и други области од заеднички интерес.
Потпишувањето на трилатералниот договор претставува значаен чекор кон институционализирање на соработката меѓу Македонска Каменица, Делчево и Рикалдоне, создавајќи основа за реализација на заеднички иницијативи и проекти со конкретни придобивки за граѓаните и дополнително зајакнување на врските со македонската заедница во Италија.







