Климатизацијата одамна стана дел од секојдневниот живот, особено во летните месеци кога температурите достигнуваат екстремно високи вредности. Иако многумина стравуваат дека клима-уредите можат да му наштетат на здравјето, научните истражувања покажуваат дека тие, доколку правилно се користат и редовно се одржуваат, носат повеќе придобивки отколку ризици.
Според истражувања објавени во реномирани научни списанија, екстремните горештини се меѓу водечките причини за смрт поврзана со временски услови. Само во периодот од 2000 до 2019 година, високите температури биле поврзани со околу 489.000 смртни случаи годишно ширум светот. Во такви услови, климатизацијата може буквално да спасува животи.

Истражувањата покажуваат дека климатизираните простории се особено корисни за лицата со хронични заболувања, бидејќи придонесуваат за подобро закрепнување, помал стрес врз срцето и полесно дишење. Дополнително, студија на Школата за јавно здравје „Харвард Чан“ покажала дека студентите кои престојувале во климатизирани простории за време на топлотен бран имале подобра концентрација, побрзи реакции и подобри когнитивни способности во споредба со оние кои немале климатизација.
Сепак, неправилната употреба на клима-уредите може да предизвика одредени здравствени проблеми. Сувиот воздух може да доведе до сушење на кожата, очите и слузокожата, а кај чувствителните лица и до иритација на дишните патишта. Нередовното чистење на филтрите, пак, може да овозможи развој на бактерии и мувла, што го зголемува ризикот од респираторни инфекции и алергиски реакции.
Стручните препораки се клима-уредите да се сервисираат најмалку еднаш годишно, филтрите редовно да се чистат или заменуваат, а температурата да биде поставена помеѓу 22 и 26 степени Целзиусови, без големи разлики во однос на надворешната температура. Исто така, не се препорачува ладниот воздух да биде насочен директно кон луѓето.
Заклучокот е дека климатизацијата генерално не е штетна за здравјето, туку може да биде значајна заштита од екстремните горештини, доколку клима-уредите се користат правилно и редовно се одржуваат.






