13/08/2026

Европа ја очекува нов екстремен топлотен бран: Температури до 45°C, Балканот меѓу најпогодените региони

Европа на преминот меѓу јули и август ќе се соочи со нов силен топлотен бран, кој според најновите прогнози на „Severe Weather Europe“ ќе донесе екстремно високи температури во голем дел од континентот.

Метеоролозите предупредуваат дека над Европа ќе се формира таканаречена „топлотна купола“, атмосферски феномен кој го задржува жешкиот воздух над истото подрачје со денови. Ова доведува до долготрајни горештини, минимални врнежи и значително зголемен ризик од пожари.

екстремен топлотен бран над Европа и температури до 45°C

Најсилниот удар на топлотниот бран најпрво ќе ги погоди Шпанија, Португалија и Франција, каде што температурите на повеќе места би можеле да надминат 40 Целзиусови степени, а локално да достигнат и до 45 степени.

Во следната фаза, жешкиот воздух ќе се прошири кон централна Европа, Италија, Унгарија и северниот дел на Балканот. Според прогнозите, температури над 40 степени се можни во долината на реката По и Тоскана во Италија, делови од Словенија, источна Хрватска, северна Босна и Херцеговина, северна и централна Србија, поголем дел од Унгарија и западна Романија.

Во останатиот дел од Балканот, меѓу кои и Северна Македонија, дневните температури најчесто ќе се движат помеѓу 35 и 39 степени, што претставува сериозен здравствен ризик, особено за постарите лица, хронично болните, малите деца и лицата кои работат на отворено.

Покрај екстремните температури, се очекува и многу сув воздух, при што влажноста на некои места ќе се намали под 20 проценти. Таквите услови значително ја зголемуваат опасноста од брзо ширење на шумски пожари, најпрво во јужна Франција и Шпанија, а потоа и во Италија, Алпскиот регион и Балканот.

Метеоролозите предупредуваат и на појава на тропски ноќи, кога температурите нема значително да се намалуваат ниту во текот на ноќта, што ќе го отежне разладувањето на организмот и ќе го зголеми ризикот од здравствени компликации.

Според актуелните прогнози, овој атмосферски систем би можел да се задржи над Европа речиси две недели, носејќи долготрајни горештини, суша и зголемена опасност од пожари во повеќе европски земји.

Надлежните институции препорачуваат граѓаните да избегнуваат престој на директно сонце во најтоплиот дел од денот, да внесуваат доволно течности и да обрнат посебно внимание на најранливите категории на населението.