13/08/2026

Од денес стапуваат во сила новите, построги правила за управување со електрични тротинети, предвидени со измените на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Измените имаат за цел да ја зголемат безбедноста на возачите на лесни електрични возила, но и на сите останати учесници во сообраќајот.

Според новите правила, електричен тротинет ќе може да управува само лице кое има наполнето 18 години. Досега минималната возраст беше 14 години.

Нови правила за управување со електрични тротинети над 18 години

Дополнително, се воведуваат и јасни ограничувања за брзината:

  • на велосипедски патеки и велосипедски ленти максималната дозволена брзина е 20 километри на час;
  • на тротоари, пешачки и мешани патеки дозволената брзина останува 6 километри на час.

Новите правила предвидуваат и обврска при преминување на коловоз или пешачки премин, доколку нема велосипедска патека или лента. Во таков случај, возачите на електрични тротинети ќе мора да слезат од возилото и да го туркаат.

Како нова мерка се воведува и забрана за превезување друго лице на електричен тротинет. За прекршување на ова правило ќе бидат санкционирани и возачот и лицето кое се превезува.

Надлежните институции апелираат до сите корисници на електрични тротинети да ги почитуваат новите правила и да придонесат за поголема безбедност во сообраќајот.