13/08/2026

Општина Македонска Каменица објави Јавен повик за субвенционирање на изработка на проектна документација, поставување енергетско-ефикасни фасади и реконструкција на кровови на станбени згради за колективно домување.

Преку проектот „Енергетско Ефикасни Домови“, Општината ќе обезбеди финансиска поддршка во висина од 40% од вкупната вредност на инвестицијата, но не повеќе од 1.000.000 денари за секоја одобрена апликација.

Според висината на општинското учество, станува збор за највисок процент на финансиска поддршка за оваа намена меѓу општините во државата.

40% поддршка за енергетско-ефикасни домови во Македонска Каменица

Преостанатите минимум 60% од вредноста на инвестицијата треба да ги обезбедат сопствениците на посебните делови во станбената зграда, преку резервен фонд или кредитирање.

Целта на проектот е да се поттикне обновувањето на постарите станбени згради во Македонска Каменица преку подобрување на нивната енергетска ефикасност, што може да придонесе за подобра изолација, помала потрошувачка на енергија и подобри услови за домување.

Право на учество имаат Заедниците на сопственици и сопствениците на посебни делови во станбени згради управувани од Управител на станбена зграда, кои ги исполнуваат условите од Јавниот повик.

Еден од основните критериуми е станбената зграда да биде постара од 25 години. За учество е потребна и согласност од најмалку 70% од станарите.

Потребно е да биде донесена соодветна одлука за реконструкција на фасадата, или фасадата и кровот, како и да биде обезбедено сопственото финансиско учество.

Станбените згради за колективно домување кои имаат помалку од два ката со приземје немаат право на учество на повикот.

Рокот за поднесување на апликациите е 20 дена од денот на објавувањето на Јавниот повик.

Јавниот повик и потребните обрасци можат да се подигнат во Архивата на Општина Македонска Каменица или да се преземат од официјалната веб-страница на Општината.

Апликациите се доставуваат во Архивата на Општина Македонска Каменица, секој работен ден од 07:30 до 15:30 часот, или по пошта на ул. „Каменичка“ бр. 2, Македонска Каменица.

Дополнителни информации може да се добијат на телефонскиот број 078/309-978, од 07:30 до 15:30 часот, или на електронската адреса pr@makedonskakamenica.gov.mk.