
Од овој викенд Македонија влегува во нов студен период, при што се очекува значителен пад на температурите и појава на мразеви, особено во ноќните и утринските часови.
Ладниот бран, кој ќе продира од исток и североисток, повремено ќе условува слаби и локални врнежи, кои постепено ќе преминуваат во снег, вклучително и во градските средини. Сепак, се работи за локални и слаби снежни врнежи, без најава за формирање на значителна снежна покривка.
Она што привлекува особено внимание е можноста од 20 јануари и во деновите потоа, цела Европа и Балканот повторно да бидат погодени од многу силен продор на студен воздух од Сибир, кој би бил значително поинтензивен од претходниот.
Доколку ова сценарио се оствари, можно е да имаме екстремно ниски температури, длабоко под нулата, на многу места дури и во текот на денот. Во ноќните и утринските часови, во делови од Европа и Балканот, се прогнозираат температури и под -25 степени.
Во однос на снежните врнежи, тие засега остануваат неизвесни, а според актуелните анализи, дури и при евентуално остварување на овој екстремно ладен сибирски бран, не се очекуваат обилни снежни наноси.
Со оглед дека станува збор за подолгорочна метеоролошка анализа, можни се одредени промени, поради што на граѓаните им се препорачува редовно да ги следат краткорочните временски прогнози за попрецизни и навремени информации.





