Христијаните денес го одбележуваат Велики петок, познат и како Распет петок – денот кога според евангелските сведоштва Исус Христос бил распнат на крст.
Овој ден е еден од најтажните во христијанството и се одбележува со посебна тишина, молитва и строг пост. Во црквите се служат богослужби посветени на Христовите страдања, со читање на делови од евангелијата кои го опишуваат неговото судење, патот до Голгота и распнувањето.
Во вечерните часови се изнесува Плаштаницата – симболична покривка која го претставува Христовиот гроб. Верниците ја обиколуваат црквата трипати во знак на почит и сеќавање на погребувањето на Исус Христос, по што Плаштаницата се поставува пред олтарот и се целива до денот на Воскресението.

Посебен дел од традицијата е вапсањето црвени велигденски јајца, кои ја симболизираат Христовата жртва и новиот живот. Црвената боја ја претставува невино пролеаната крв и надежта за Воскресението.
Според христијанското учење, страдањето на Христос е предуслов за Воскресението – победата над смртта и почетокот на нов живот.
Велики петок се одбележува со строг пост и воздржување од храна и пијалаци до зајдисонце, како и со духовно смирување и молитва. Овој ден е посветен на сеќавање, тишина и духовно преиспитување.






