
Православните верници денес го слават најголемиот христијански празник – Велигден, денот на Христовото воскресение, кога Исус Христос ја победил смртта и ја потврдил својата божествена природа.
Во сите храмови на Македонската православна црква–Охридска архиепископија, на полноќ беше објавено Христовото воскресение, а денес се одржуваат свечени воскресенски литургии. Поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, богослужеше во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје, од каде ја објави радосната вест и упати велигденски пораки до верниците.
Велигденската традиција е длабоко вкоренета во верата и народните обичаи. Таа започнува уште на Велики четврток, кога домаќинките ги бојадисуваат првите црвени велигденски јајца – симбол на нов живот, надеж и Христовата победа над смртта.

Црвената боја има силна симболика во христијанството. Таа ја претставува Христовата крв пролеана на крстот за спасение на човештвото, но и победата над смртта. Затоа црвеното јајце станало централен симбол на Велигден – знак на воскресението и новиот почеток.
Според Светото предание, овој обичај се поврзува и со Марија Магдалена, која по Христовото вознесение ја проширила веста за Воскресението. Во Рим, таа му подарила црвено јајце на царот Тивериј, изговарајќи ги зборовите: „Христос воскресе!“. Оттаму започнува традицијата на дарување црвени јајца и велигденско поздравување кое до денес се чува во христијанството.
Велигден останува празник што ги обединува верата, традицијата и духовната радост, носејќи порака за надеж, љубов и вечен живот.






