14/06/2026

24 Мај – Ден на сесловенските просветители: Светите браќа Кирил и Методиј оставија траен белег во историјата на словенските народи

Ciril Metod Ohrid

На 24 мај, македонскиот народ и сите словенски народи им оддаваат почит на Светите браќа Кирил и Методиј, просветители, мисионери и творци чие дело остави длабока трага во духовниот, културниот и образовниот развој на словенскиот свет.

Светите браќа, познати како солунските просветители, се родени во Солун во IX век, во угледно семејство. Постариот брат Методиј, пред да се посвети на монашкиот живот, бил дел од државната служба и одреден период престојувал меѓу македонските Словени. Помладиот брат Константин, подоцна познат како Кирил Филозоф, се образувал во Цариград и станал еден од најучените луѓе на своето време.

Нивната најголема заслуга е создавањето на глаголицата, првата словенска азбука, со што бил поставен темелот за описменувањето на словенските народи и развојот на словенската писменост.

Покрај создавањето на азбуката, Кирил и Методиј започнале и преведување на богослужбени книги на старословенски јазик, овозможувајќи словенските народи да го слушнат и разберат словото на свој јазик.

Нивната мисионерска дејност ги одвела меѓу Сарацените, Хазарите и во Велика Моравија, каде активно работеле на ширење на христијанството и образованието. Во Моравија ја продолжиле својата просветителска мисија, отворале училишта и подготвувале ученици и свештенослужители.

По смртта на Свети Кирил во Рим во 869 година, Свети Методиј ја продолжил нивната заедничка мисија, а по неговото упокојување во 885 година, делото било продолжено од нивните ученици.

Посебно место во ова наследство имаат Свети Климент Охридски и Свети Наум Охридски, кои преку Охридската книжевна школа го продолжиле просветителското дело и придонеле за развојот на писменоста и духовноста меѓу словенските народи.

Поради нивната огромна улога во историјата и културата, Светите браќа го добиле називот „Апостоли на Словените“, а нивното дело и денес останува симбол на знаењето, просветата, духовноста и словенското единство.

На 24 Мај – Денот на сесловенските просветители, се потсетуваме на нивното наследство и на вредностите што ги оставиле зад себе – писменост, образование, вера и културен идентитет.